Стартува грејната сезона, Бектеши и Ковачевски уверуваат струја ќе има доволно од домашните капацитети

Грејната сезона во Скопје за поголемиот број граѓани приклучени на мрежата за централно греење започна денеска со исти услови како и претходно, откако „Електрани“ на Северна Македонија ги доби потребните лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, уверува министерот за економија Крешник Бектеши.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека земјава во споредба со другите од регион е прва која што пуштила парно греење за граѓаните, додека во соседството се носат одлуки за неколку дневно одложување на грејната сезона.

Бектеши денеска изјави дека граѓаните ќе добиваат топлинска енергија непречено до крајот на грејната сезона, како и дека потрошувачите на електрична енергија кои се на регулираниот пазар како што се домаќинствата ќе добиваат струја од домашните капацитети, за што, како што истакна веќе се направени сите неопходни подготовки.

„Откако АД ЕСМ ги направи и ги заврши сите подготовки скопјани имаат парно греење. Тоа ќе биде до крајот на грејната сезона. Граѓаните во континуитет ќе бидат снабдувани со топлинска енергија. Затоа не треба да се создава паника, бидејќи сите институции се подготвени навремено да го испорачуваат тоа што им е обврска,“ изјави Бектеши.

На првиот ден од грејната сезона Бектеши беше во посета на Топлана-Исток од каде што објасни дека АД ЕСМ во рок успеале да ги завршат сите обврски и подготовки, и да ги добијат лиценците, со цел да можат да испорачуваат топлинска енергија.

Во врска со снабдувањето со електрична енергија министерот за економија истакна дека во делот на регулираниот пазар домаќинствата, малите потрошувачи и дел од слободениот пазар цела зимска сезона ќе бидат снабдувани во континуитет со електрична енегија од домашни капацитети.

„Ние не зависиме од другите држави. Ние сами се подготувавме за се да покриваме домашно за да немаме зголемување и на цените и дополнително на тоа да не зависиме од тоа што би се случило во регионот, во Европа или, пак, глобално,“ изјави Бектеши.

Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски кој заедно со Бектеши беше во посета на Топланата-Исток истакна дека граѓаните треба да бидат безбедни и оти ќе бидат обезбедени со топлинска енергија.

„Имаме обезбедено енергенс до крајот на месецов, а следствено на тоа како понатаму ќе функционира приватната гасна централа ТЕ-ТО ќе знаеме дали ќе повлекуваме топлинска енергија од ТЕ-ТО или и понатаму целосно ќе произведуваме топлинска енергија во нашите топлани коишто ги имаме под закуп од АД „Адора“ во топланите Исток и Запад. Утринава во 5:50 часот беа пуштени топланите при температура од 9 степени, истите работеа до 9:15 минути кога се постигна надворешна температура од 12 степени и притоа во овој период беа испорачани 997 мегават часови топлинска енергија“, рече Ковачевски.

Од АД Макпетрол беше набавен гас само за првите две недели од почетокот на грејната сезона,па Ковачевски појасни, дека гас ќе се набавува дополнително, и тоа по пониски цени бидејќи, како што рече, тие се во опаѓање.

„Доколку има некакви промени, и има екстремно високи цени на гасот или пак ако го нема на пазарот, се прават подготовки топланите исток и запад да работат на дизел гориво, за што АД ЕСМ ги прави потребните набавки на опрема и пред се на пумпи за таа намена“, изјави тој.

Според Ковачевски, има разговори и за шестмесечна набавка и испорака на природен гас по цена пониска од сегашната од компании надвор од државата.

Денеска во функција се ставени и блокот 1 и блокот 2 во РЕК Битола, изјави тој и додаде дека во функција ставена е и термоелектраната во Осломеј којашто ќе работи уште еден краток период, потоа ќе се направи еден краток застој за да може да се направат кратки сервисни интервенции и од почетокот на ноември да биде во функција до крајот на грејната сезона.

Тој информира и дека ТЕЦ Неготино во моментов работи со двата котли, со максимален капацитет од околу 180 мегавати снага испорачува во системот и оти има дневна испорака од околу илјада тони мазут кој овозможува непрекинато работење на оваа термоелектрана.

Тој вели дека има доволно ресурси и за термоелектраните, јагленот има на располагање од над 200 илјади тони на депонија во РЕК Битола и околу 50 илјади тони на депонијата во РЕК Осломеј. Според него, мазаут има околу 15 илјади тони во складиштата во ТЕЦ Неготино, како и оти хидропотенцијалот е на околу 30 проценти.

Парно од 15 октомври ќе има, но енергенси само до крајот на месецов

Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север.

Трите топлани имаат можност да работат на природен гас или на мазут, а по потреба и на дизел, додека когенеративната електрана ТЕ-ТО, која е во приватна сопственост, може да работи само на природен гас. Доколку таа работи задоволува 70 проценти од потребите за греење на скопјани, а останатите 30 проценти ги покриваат топланите Исток и Запад.