Апасиев - Џафери само купува време

Лидерот на Левица Димитар Апасиев

Лидерот на политичката партија Левица Димитар Апасиев изјави дека враќањето на нивната иницијатива за референдум за Францускиот предлог од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери е само купување време, но дека тие ќе ја направат корекцијата во дадениот рок и повторно ќе ја поднесат.

„Иницијативата не е одбиена. Значи, ова не е ист случај како со претходната иницијатива на ДПМНЕ. Ако правилно го читаме, иницијативата е вратена на корекција, односно спикерот Џафери спротивно, во негов стил силеџиски, како уставен судија, но сега со друга финта ни ја врати да ја усогласиме во рок од 15 дена. Ние впрочем тоа и ќе го направиме“, рече вечерва Апасиев во изјава за Сител ТВ.

Тој го повтори ставот дека доколку Џафери ја отфрли иницијативата откако ќе ја коригираат ќе почнат со целосна блокада на Собранието.

Претседателот на Собранието Талат Џафери претходно соопшти дека барањето за одржување референдум поднесено од политичката партија Левица не е подготвено во согласност со Собранискиот деловник, а прашањето е несоодветно поставено, и воедно бара во предвидениот рок од 15 дена предлагачот да го усогласи барањето со одредбите од Деловникот на Собранието.

Прашањето за кое што се предлага распишување референдум гласи: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година.“

Пратениците во Собранието на 16 јули ги усвоија заклучоците за таканаречниот француски предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори со ЕУ.