Истекување во клучниот нафтовод од Русија до Германија, не постои сомневање за саботажа

дел од нафтоводот Дружба

Пронајдено е истекување во нафтоводот Дружба што ги поврзува Русија и Германија, но властите велат дека не постои сомневање за саботажа. ПЕРН, операторот на делот од гасоводот во Полска каде што беше откриено истекувањето, наведе дека врската за нафта е делумно затворена. „Засега не е позната причината за инцидентот. Пумпањето веднаш беше прекинато. Линијата 2 од гасоводот функционира нормално“, соопшти ПЕРН, додавајќи дека истекувањето било откриено доцна синоќа. Откривањето на истекувањето на главната рута што носи нафта до Германија доаѓа во услови на загриженост за безбедноста во врска со енергетските испораки на Европа, откако неодамна дојде до истекување на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море, за кои официјални лица и од Западот и од Русија велат дека биле предизвикани од саботажа.

Шведската истрага за излевањата од „Северен тек“ ги зајакнуваат сомнежите за саботажа

Европа, исто така, се соочува со тешка енергетска криза како резултат на инвазијата на Москва врз Украина, која го намали снабдувањето за многу земји. Ројтерс го цитираше Матеуш Бергер, највисокиот полски функционер задолжен за енергетската инфраструктура, кој вели дека нема основа да се верува дека истекувањето било предизвикано од саботажа. „Тука можеме да зборуваме за случајна штета“, рече тој. Нафтоводот Дружба е еден од најголемите светски цевководи, кој доставува руска нафта во поголемиот дел од централна Европа, вклучувајќи ги Германија, Полска, Белорусија, Унгарија, Словачка, Чешка и Австрија.