Антикорупционерите не гледаат основа за отворање на предмет против премиерот Ковачевски

Седница на ДКСК

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска во изјава за меидумите вели дека нема основа за отворање случај против Премиерот за обвинувањата на опозициската ВМРО ДПМНЕ дека фирми основани од Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов злоупотребувале државни тендери вредни 26 милиони евра во случајот што го нарекоа „Броило“.

„Кога стапи на функција заменик министер за финансии, премиерот Димитар Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријави сѐ што поседува. Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основ за покренување постапка за утврдување судир на интереси. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси функционерот кога стапува на функција управувањето на фирмата треба да му го довери на друго лице кое не е член на неговото семејство. Во случајов, тој не е ниту сопственик, ниту управител“, рече Ивановска.

ВМРО ДПМНЕ ја објави аферата „Броило“, СДСМ негира дека е вмешан премиерот Ковачевски

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак по изјавата на Ивановска побара од Комисијата потемелно ќе ги проверат наводите на партијата за овој случај.

„Гледам дека денеска има став од Антикорупциска комисија, од претседателката Билјана Ивановска дека таа не видела случај без да ја види претставката која што евентуално како политичка партија би ја поднеле до Државната комисија за спречување на корупцијата и се надевам дека многу сериозно ќе му пристапат на овој случај, затоа што многу внимателно ќе го следиме овој случај, бидејќи во услови на криза некој профитира на грбот на граѓаните, тоа на времето ги викаа воени профитери“, истакна Мицкоски.

Премиерот Ковачевски ги отфрли обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ, а наводите ги демантираа и од посочената фирма Пиксел Груп.