ММФ одобри 1,3 милијарди долари за Украина

Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри дополнителни 1,3 милијарди долари вонредни средства за Украина, поради тешкотиите што произлегуваат од руската инвазија и празнините во производството и продажбата на жито.

ММФ е финансиска агенција на ОН.

Парите се исплатени во рамки на инструментот за брзо финансирање поради шокот со храна, формиран да и помогне на Украина.

Во соопштението се наведува дека финансирањето „ќе помогне да се затвори финансискиот јаз од недостатокот во извозот на жито“.

„Повеќе од седум месеци по почетокот на руската инвазија на Украина, хуманитарниот и економскиот данок и натаму е огромен, што резултира со големи и итни потреби за фискално и надворешно финансирање“, соопшти ММФ.

Во соопштението, исто така, им се припишува заслуга на украинските власти за „задржување важен степен на макро-финансиска стабилност во овие екстремно предизвикувачки околности“ од почетокот на неиспровоцираната руска инвазија кон крајот на февруари, по осум години конфликт на пониско ниво меѓу сепаратистите поддржани од Русија и владата на Украина во источниот дел на земјата.

Руската блокада на украинските пристаништа долж брегот на Црното Море дополнително и наштети на Украина, а постигнат е договор со посредство на Турција и ОН за да и се овозможи на Украина да ги обнови своите пратки со пченица и други житарици.

ММФ предвидува дека економијата на Украина годинава ќе се намали за околу 35 отсто, усложнувајќи ги финансиските проблеми.