Започнува изградбата на првите две делници од пругата Куманово- Бељаковце- Крива Паланка

Илустрација

Директорот на „ЖРСМ Инфраструктура“, Хари Локвенец денеска информираше дека месецов официјално ќе биде означен почетокот на изградбата на првите две делници од пругата на Коридорот 8. Според него, едната од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, ќе ја гради конзорциумот „Штрабак“, сочинет од компании од повеќе држави. Другата од Бељковце до Крива Паланка работи турската компанија „Ѓулермак“

„Тоа значи дека до крајот на 2025 година ние би ги имале завршено двете фази од пругата до Република Бугарија, до Крива Паланка“, рече Локвенец, при што дополни дека 54 проценти од првата делница е веќе изградена.

Што се однесува до третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, Локвенец посочи дека во завршна фаза е подготовката на тендерската документација и изборот да биде завршен до крајот на следната година. Тој додава и дека за првите две делници од пругата Куманово до Крива Паланка се решени 1500 предмети за експропријација.

Што се однесува до западното крило од Коридорот 8 кон Република Албанија, во должина од 63 километри, односно делницата од Кичево до Лин, Локвенец појасни дека поради забелешките од УНЕСКО, ќе се изврши промена на трасата во делот кон Лин, поради потенцијални ризици по Охридското Езеро од градбата на логистичката инфраструктура на пругата.