Путин очекува стабилизација во припоените украински територии

Рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека се надева оти воената ситуација на неодамна припоените украински територии ќе се „стабилизира“, и покрај тешкотиите со кои се соочуваат руските трупи под притисок на украинската контраофанзива во тие области.

„Поаѓаме од принципот дека ситуацијата ќе се стабилизира и ќе можеме да ги развиваме тие зони на мирен начин“, рече Путин.

Минатата недела, Русија анектираше четири украински региони кои се делумно под нејзина контрола, по референдумите кои Киев и нејзините западни сојузници ги оценија како измамнички.

Сепак, Кремљ призна дека не ги определил дефинитивно границите на припоените територии.

Украинските сили продолжуваат со контраофанзивата и освоија нови територии на исток и југ, во зоните кои штотуку беа анектирани од Русија.

Путин рече дека од резултатите од референдумот за анексија не само што се „задоволни туку и изненадувачки“ со оглед на „тешките услови“ во тие области.

„Резултатот е повеќе од убедлив и целосно транспарентен без никакво сомневање“, рече Путин.