Бајден вети 625 милиони долари воена помош за Украина

САД – Претседателот на Украина Володимир Зеленски за време на состанокот со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон, 1 септември 2021 година

Американскиот претседател Џо Бајден му рекол на украинскиот претседател Володимир Зеленски во телефонски разговор на 4 октомври дека Соединетите Држави ќе обезбедат воена помош од 625 милиони долари за Украина, соопшти Белата куќа.

Помошта ќе се состои од повеќе артилериски ракетни системи со висока мобилност познати како ХИМАРС, муниција и оклопни возила, се вели во соопштението на Белата куќа.

Бајден „вети дека ќе продолжи да ја поддржува Украина додека таа се брани од руската агресија онолку долго колку што е потребно“, се вели во соопштението.

Американскиот претседател, исто така, потврди дека Соединетите Држави се подготвени „да наметнат сериозни последици за секој поединец, ентитет или земја што обезбедува поддршка за наводната анексија на Русија“.

Во соопштението се истакнува дека на повикот на Бајден му се придружила и потпретседателката Камала Харис, а се повторува и ставот на Вашингтон дека никогаш нема да ја признае руската анексија на украинска територија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно потпиша декрет со кој официјално се прогласуваат за „невозможни“ какви било преговори меѓу Киев и рускиот претседател Владимир Путин, откако Путин прогласи четири региони на Украина делумно окупирани од Москва како дел од Русија, што за Киев и Западот е нелегитимна фарса.

Зеленски издаде декрет според кој разговори на Украина со Путин се „невозможни“

Во декретот се наведува и дека Украина ќе користи воени средства за да ги врати под своја контрола териториите окупирани од Русија.