Радев вели дека Бугарија е подготвена да го зголеми извозот на струја во Македонија, согласно ЕУ правилата

Претседателот на Бугарија Румен Радев

Претседателот на Бугарија Румен Радев изјави дека Бугарија е подготвена да го зголеми својот извоз во Македонија, во согласност со правилата на европскиот енергетски пазар и бугарското законодавство и интересот на бугарските граѓани и бизниси.

Тој додаде дека вчера, заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, разговарале за можностите ЕУ финансиски да ги поддржи можностите на Северна Македонија за да се избегне евентуална ликвидносна криза во зима во однос на снабдувањето со електрична енергија во земјава.

Останатите политички разговори меѓу двете земји, според Радев, се одвиваат во нормална атмосфера на меѓусебно почитување и пријателство, но како што истакна бугарскиот претседател, многу е важно во Република Северна Македонија да се разбере дека спроведувањето на билатералните обврски треба да продолжи што е можно поскоро. Тој потсети дека вистинските преговори за членството на Македонија во ЕУ согласно преговарачката рамка не се започнати, а ќе почнат, како што рече, кога земјата ќе ги вклучи Бугарите во својот Устав.

„Очекувам државниците во нашата пријателска земја да покажат политичка мудрост и да ја градат европската иднина на Република Северна Македонија ослободена од идеологиите на минатото“, вели бугарскиот претседател Румен Радев.

Тој вчера во Софија, по церемонијата за пуштањето на новиот интерконектор за гас меѓу Бугарија и Грција, се сретна со македонскиот претседател Стево Пендаровски и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, каде тема на разговор била енергетската криза и условите под кои Бугарија, која е членка на ЕУ може да испорача струја за Македонија, земја што се уште не е дел од Унијата.

Во Бугарија денеска се оддржуваат нови предвремени парламентарни избори, четврти во последните 18 месеци.