Русија го блокираше музичкиот сервис СаундКлауд поради ширење „лажни информации“

Илустративна фотографија

Руските регулатори наводно ја блокирале веб-страницата на апликацијата за стримање музика СаундКлауд (SoundCloud), повикувајќи се на „лажни информации“ за војната во Украина.

Руските новински агенции ТАСС и Интерфакс денеска соопштија дека набљудувачката служба за комуникации Роскомнадзор ја блокирала страницата на барање на канцеларијата на Генералното обвинителство.

„Роскомнадзор го ограничи пристапот до услугата СаундКлауд во врска со поставување материјали што содржат лажни информации поврзани со природата на специјалната воена операција на територијата на Украина“, ја цитира Интерфакс објавата на регулаторот.

Според некои извештаи, оваа одлука влијае само на веб-страницата СаундКлауд, бидејќи мобилната верзија на апликација сè уште е достапна во Русија.

Од инвазијата на Украина на 24 февруари, руските власти ги засилија напорите да ги цензурираат информациите и критиките за војната.

Пратениците усвоија закон веднаш по инвазијата со кој се криминализира „дистрибуцијата на лажни информации“ за руските вооружени сили, а обвинителите обвинија десетици луѓе.

Регулаторот го спречи пристапот до Твитер и ги забрани Фејсбук и Инстаграм на компанијата Мета.

Нејасно е зошто властите сега се префрлија против СаундКлауд. Сепак, некои медиумски извештаи велат дека емитувањата на рускиот сервис на РСЕ може да бидат главната причина.

СаундКлауд во Русија го користеа не само медиумите, туку и независните музичари, авторите на подкасти и други.

По инвазијата, Канцеларијата на јавниот обвинител побара СаундКлауд и другите подкаст платформи да ги отстранат подкастите на независната веб-страница за вести Медиазона и објавите поврзани со војна од БиБиСи, Докса и други медиуми.