Пендаровски и уште осум претседатели од НАТО земји бараат Русија да се повлече од Украина

Македонскиот претседател Стево Пендаровски на НАТО самитот во Мадрид, 29 јуни, 2022

Претседателите на НАТО земји-членки од Централна и Источна Европа, меѓу кои и македонскиот претседател Стево Пендаровски, дадоа заедничка пишана изјава во врска со одлуката на Русија за нелегално анектирање на украински територии во која повторно изразуваат поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Ние, претседателите од Централна и Источна Европа, од земји чиишто лидери го посетуваа Киев за време на војната и лично беа сведоци на последиците од руската агресија, не можеме да молчиме пред фрапантното прекршување на меѓународното право од страна на Руската Федерација и во таа насока ја даваме следнава изјава: Повторно ја изразуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме руските обиди за анектирање на која било украинска територија“, се наведува во изјавата.

Во Изјавата се дава целосна поддршка за Украина и се бара Русија веднаш да се повлече од сите окупирани територии. Притоа се охрабруваат сите сојузници значително да ја зголемат воената помош кон Украина.

„Секој што ќе изврши чин на агресија мора да сноси одговорност и да биде изведен пред правдата“, стои во заедничката изјава.

Покрај македонскиот претседател, во изјавата се потпишани Милош Земан, претседател на Чешката Република, Алар Карис, претседател на Република Естонија, претседателот на Република Латвија Егилс Левиц, Гитанас Науседа претседател на Република Литванија, Мило Ѓукановиќ претседател на Република Црна Гора, Анджеј Дуда претседател на Република Полска Клаус Јоханис, претседател на Романија и Зузана Чапутова, претседателка на Словачката Република.

Руската воена инвазија започна на 24 февруари, а пред неколку дена рускиот претседател Владимир Путин одржа жесток говор во Кремљ во кој објави дека Русија анексира четири региони на Украина кои се делумно окупирани од руските сили. Претходно, Москва одржа референдуми во четирите украински региони за кои западните земји рекоа дека се „измама“ и беа широко отфрлени од меѓународната заедница.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека „овие акции немаат легитимитет“, додека земјите како Германија, Велика Британија, Шведска и Полска, исто така, брзо ја осудија акцијата на Москва.