Неколку десетици Авганистанци, главно жени, излегоа на протести, еден ден по самоубиствениот бомбашки напад во кој загинаа десетици лица, најмногу од нив ученички кои се подготвуваа за приемните испити на универзитетот во Кабул.
Полицијата соопшти дека билансот на загинатите во нападот на 30 септември е „најмалку 20 лица“, додека Обединетите нации за новинската агенција АФП на 1 октомври рекоа дека најмалку 35 лица загинале, а 82 се ранети.
Повеќето од жртвите беа од малцинската заедница Хазара, главно шиитско муслиманско етничко малцинство кое беше цел на брутални напади во последниве години.
Демонстрантите маршираа покрај болницата каде што се лекуваа жртвите на нападот извикувајќи: „Стоп за геноцидот на Хазара“ и „Не е злосторство да се биде шиит“.
Десетици тешко вооружени талибански милиции го следеа протестот.
Никој не ја презеде одговорноста за нападот на високообразовниот центар Каај, но терористичката група Исламска држава, која ги смета шиитите за еретици, презеде одговорност за претходните напади во областа чија цел биле жени, училишта и џамии.
Талибанците - кои ја презедоа авганистанската влада во август 2021 година по повлекувањето на меѓународната коалиција предводена од САД - исто така ги сметаат Хазарите за еретици.
Нападот е „срамен потсетник за неспособноста и целосниот неуспех на талибанците, како де факто власти, да го заштитат народот на Авганистан“, рече Самира Хамиди од групата за човекови права Амнести интернешенел во соопштението.