Во недостиг на струја угасена печката во фабриката ФЕНИ, вработените на принуден одмор

„Еуроникел индустри“ (поранешно Фени) во Кавадарци

Компанијата „Еуроникел Индустри“, која управува со фабриката за преработка на никел во Кавадарци (ФЕНИ), соопшти дека поради недостиг на електрична енергија одлучила да ја угаси печката, а дека најголем дел од вработените во моментов се на принуден одмор.

Претседателот на Синдикалната организација во Еуроникел Индустри Миле Ѓорѓиев изјави дека одлуката била донесена плански со цел спречување на натамошно одлевање на огромни парични средства за струја кои се во милиони евра.

Тој додава дека парите ќе бидат пренаменети во енергетски проекти, за во најкраток рок да го решат снабдувањето на електрична енергија.

„Во меѓувреме најголем дел од работниците и понатаму остануваат на принуден одмор, а дел остануваат на работа и се ангажиран на споменатите проекти. Се применува принципот на ротација на вработените“, вели Ѓорѓиев.

Еуроникел Индустри е најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во државата, каде струјата има најголем удел во производниот трошок.

Од компанијата велат дека откако цената на струјата започнала вртглаво да расте од октомври 2021 година, преземале бројни активности за амортизирање на последиците и за продолжување на производниот процес, но дека со понатомошна ескалација на пазарот на струја, во јули оваа година застанале со производството.

„Застанавме со производството и во изминатите три месеци преземавме бројни неопходни ремонтни активности, а веќе во средината на септември, започнавме и со принуден платен одмор на работниците“, велат од компанијата.

Во соопштението се додава дека доколку во меѓувреме дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или ако државата обезбеди електрична енергија по субвенционирана цена, подготвени се во најкраток рок да го рестартираат процесот.

„Паралелно на ова, реализацијата на нашите планови за енергетска независност подразбираат и институционална подршка, која се надеваме соодветно ќе ја добиеме, а во интерес на компанијата, вработените, добавувачите и сите останати засегнати страни, и секако во интерес на националната економија, ако се земе во обзир дека Еуроникел е еден од најголемите работодавачи, втор најголем извозник, со значаен придонес кон бруто домашниот производ“, велат од компанијата.

Ѓорѓиев вели дека ги следат активностите на институциите и дека жалат што до денес се уште нема решение за големите потрошувачи на електрична енергија, за кои вели дека воедно се и најголеми работодавачи со најголем придонес во домашната економија.

„Апелираме што побрзо да се излезе со соодветна подршка, со цел да бидат заштитени работниците и да им се обезбеди соодветен социјален статус“, изјави Ѓорѓиев.