ЕУ преговара за оданочување на енергетските профити и ограничување на цените на гасот

Илустративна фотографија.

Земјите на ЕУ се подготвени да одобрат пакет итни мерки, вклучително даноци на неочекувани профити за енергетските компании. На истиот состанок, тие утре ќе разговараат и за тоа дали да биде воведено ограничување на цените на природниот гас.

Блокот од 27 земји преговара за мерките кои ги предложи Брисел минатата недела, во обид да го спречи растот на цените на енергијата што поттикнува рекордно висока инфлација и се заканува со рецесија.

Дипломатите од некои европски земји беа уверени дека министрите за енергетика на ЕУ ќе ги одобрат мерките на утрешниот состанок, иако со промени во првичните планови, за кои Брисел рече дека со нив може да се соберат 140 милијарди евра.

Овие пари ќе ги потрошат владите за да им помогнат на потрошувачите и компаниите да се справат со високите трошоци.

Договорот предвидува сите земји на ЕУ да им воведат данок на вишокот профит на компаниите за фосилни горива остварен во 2022 или 2023 година и да ги вратат приходите што евтините производители на електрична енергија ги остваруваат од огромните трошоци за електрична енергија.

Но, дури и пред одобрувањето на овие мерки, земјите го притискаат Брисел да преземе дополнителни чекори, особено ограничување на цените на природниот гас.

Петнаесет земји, вклучително и Франција, Италија и Полска, во вторникот на 27 септември ја повикаа ЕУ да предложи широко ограничување на цените за трансакции со гас на големо.

Европската комисија сподели со земјите анализа со различни опции за скротување на цените на гасот. Анализата предизвика скептицизам во однос на ограничувањата на големопродажната цена на гасот, предупредувајќи дека со тоа ќе има компликации и ќе се предизвика прекини во снабдувањето со гас.

Комисијата, сепак, рече дека ЕУ треба да воведе поограничени ценовни плафони за одредени испораки на гас.

Досега, Европската комисија, која ги подготвува политиките на ЕУ, официјално не предложи ограничувања на цените.

Германија, Холандија и Данска се меѓу оние кои се против ограничувањето на цените на бензинот.

По дискусијата за ова прашање која ќе се одржи во петок на 30 септември, се очекува Комисијата да сподели детали за можните нови мерки на ЕУ за намалување на цените на гасот.