Зеќири сведочеше против Рашковски за случајот „Софтвери“

Поранешниот Генерален секретар на Владата, Драги Рашковски во судница за случајот „Софтвер“

Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири сведочеше денеска на судењето за случајот „Софтвери“, каде првообвинет е неговиот претходник на местото ген-сек на Влада, Драги Рашковски.

Зеќири, кој и самиот е обвинет, но за друго дело, денеска во својство на сведок рече дека кога дошол на таа функција не бил запознаен со двата софтвери, едниот за сообраќајни прекршоци, а другиот за биометриска идентификација, за кои Рашковски е првообвинет.

Тој вели дека не видел владина одлука за набавка на софтвери, а откако Рашковски се повлече од функцијата направил и вонреден попис.

„Набавка на компјутерски софтвер за друга институција се прави по барање на таа институција. Се носи одлука на Влада за набавката и следи предавање на опремата на институцијата“, рече Зеќири во судница.

Тој додава дека додека бил на функцијата софтверот не бил пуштен во употреба.

На денешното рочиште сведочеше и Горан Трајковски, поранешен директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци. Тој сведочеше дека Дирекцијата пратила укажување до Генералниот секретаријат на Владата, кога на функцијата бил Драги Рашковски, за да се внимава да не се прекрши Законот за заштита на лични податоци пред набавката на софтверот за биометриска идентификација.

Освен за софтверот за биометриска идентификација и за нелегална набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, Рашковси се товари и за исплата на хонорари.

Во истиот случај обвинети се и Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска за „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Јавната обвинителка Ивана Трајчева рече дека исказот на Зеќири ја потврдува вината на Рашковски.

И за Зеќири кој го наследи Рашковски на функција генерален секретар на Владата, обвинителството потоа отвори истрага, но за сомнителни јавни набавки. Зеќири сега се наоѓа во домашен притвор.