Повредата на рбетот била фатална за хрватскиот ракометар Тот

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот

Вештачењата и обдукцијата што биле направени на телото на хрватскиот ракометар Денис Тот кој беше убиен пред ноќниот клуб во Градскиот парк во Скопје во раните утрински часови на 7 април покажуваат дека повредата на ‘рбетниот столб била смртносна. На денешното судско рочиште вештаците од Судска медицина изјавија дека обдукцијата покажала дека со таа повреда на ‘рбетниот мозок тешко дека ќе можел ракометарот да преживее.

За убиството на Тот се обвинети три лица: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).

Обвинетите за убиството на Денис Тот не се чувствуваат виновни

Други вештаци треба да сведочат на наредното рочиште, а потоа се очекува во текот на судскиот процес да се гледаат и видеоснимките од безбедносните камери.

На минатото рочиште во судница дојде и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.

Одбраната бара наместо за убиство на ракометарот Тот, за им се суди за тепачка со смртни последици

Пред неговото сведочење, пак, воведни зборови дадоа тројцата обвинети. Во кратките излагања пред судот тие порачаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати, пак, настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.