Ковачевски во ОН – Русија веднаш да ги повлече војниците од Украина

Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски на 77. Генерално собрание на Обединетите нации

Со непредизвиканата агресија врз Украина, Руската Федерација флагрантно ја прекрши Повелбата на Обединетите нации, како и на нормите и принципите на меѓународното право, оцени премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето пред присутните на 77. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.

Ковачевски рече дека агресијата не може да се оправда, ниту да се релативизира.

„Руската Федерација мора веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече своите трупи од Украина“, рече тој.

Со тоа, според него, ќе се отвори патот за дипломатско решение на конфликтот.

Ковачевски се осврна и на неизвесноста во снабдувањето со храна и енергија во светот, која, како што рече, „ќе ги продлабочи разликите на глобално ниво меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ и ќе доведе милиони луѓе на работ на основна егзистенција, дури и во опасност од глад“.

Затоа, тој побара меѓународна солидарност за надминување на проблемите.

„Ефектите ќе ги почувствуваме сите – и економски повеќе развиените и помалку развиените држави. Мора да се извлечат искуствата од пандемијата – дека меѓународната солидарност не е добро да се води од тоа дали е потребна меѓу развиени или помалку развиени држави, ако сакаме да спречиме отворање нов предизвик од растечко граѓанско незадоволство на глобален план“, рече Ковачевски.

Тој зборуваше и за борбата со тероризмот, бегалскиот бран предизвикан од конфликтот, како и климатските промени и природните катастрофи предизвикани од нив.

Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари, а западните земји воведоа жестоки санкции против Москва. Од вчера, во четири делумно окупирани региони во Украина, проруските сили организираат нелегални референдуми за приклучување кон Русија.