Само пет судии останаа во прилепскиот суд - постои опасност предметите да застарат

Илустрација

Прилепскиот суд остана со само пет судии, од кои двајца за кривични предмети, откако другите заминаа во пензија.

Претседателот на судот Зоран Стеваноски предупредува дека поради недостиг од судии процесите ќе се одолговлекуваат и постои опасност од застарување на предметите, особено кривичните.

„Се соочуваме со недостиг од судии. Во судот годишно се решаваа 400 до 450 предмети и кривични, полнолетни. Во моментов сега предметите се исти, но ги работат малку судии што ќе се одрази на времетраењето на нивното решавање и постои опасноста од застарување“, вели Стеваноски.

Прилепскиот адвокат Жаре Стеваноски вели дека состојбата е алармантна и веќе се одлагаат судењата, а штета ќе трпат и странките.

„Ако, претходно судењата се одлагаа за месец, сега се одлагаат за јануари, февруари наредната година. Ќе трпат штета и странките. Најверојатно Судскиот совет треба да изнајде соломонско решение за да се справи со ситуацијата. И да се доведеме до ситуација да се делегираат судии од другите судови, ќе се соочиме со друг проблем – тие судии може да работат на кривични предмети каде е казната до три години затвор“, вели адвокатот.

Преполовениот Уставен суд не донесе одлука за „недела неработен ден“

Стеваноски нагласува дека не само судот туку и прилепското јавно обвинителство се соочува со ист проблем, затоа што е сведено на само двајца јавни обвинители кои, како што вели не се во можност да ги извршуваат ниту постапките каде е предвидено итно постапување.

Сите надежи се дека Републичкиот судски совет побрзо ќе го реши огромниот проблем од недостиг од судии.