Столтенберг - Говорот на Путин покажува дека војната не оди според планот

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска го обвини претседателот Владимир Путин за „опасна“ реторика, откако рускиот лидер навести дека Москва може да користи нуклеарно оружје поради војната во Украина.

„Ова е опасна и непромислена нуклеарна реторика. Тоа не е ново, бидејќи тој го направил тоа многу пати досега. Тој многу добро знае дека нуклеарна војна никогаш не смее да се води и дека не може да се победи, а тоа ќе има невидени последици за Русија“, изјави Столтенберг на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Столтенберг рече дека НАТО „ќе се погрижи во Москва да нема недоразбирања“ за подготвеноста на НАТО алијансата да се брани.

„Како точно ќе реагираме, се разбира, зависи од видот на ситуацијата“, рече тој на настан организиран од новинската агенција Ројтерс.

Најважно е да се спречи тоа да се случи, нагласи тој.

Висок функционер на НАТО рече дека западната воена алијанса досега не забележала никакви промени во нуклеарната положба на Русија, додавајќи: „но ние го набљудуваме тоа многу внимателно и остануваме будни“.

Путин во денешниот говор рече дека Москва ќе ги искористи „сите средства што ни се на располагање за да ги заштити Русија и нашиот народ“ и нареди делумна воена мобилизација по серијата неуспеси во Украина.

„Говорот на претседателот Путин покажува дека војната не оди според планот, тој направи голема грешка во проценката“, рече Столтенберг.

Генерелниот секретар на НАТО посочи дека Москва би можела да има проблеми со ефикасно распоредување на нови сили, по претходните проблеми со опремата и командата и контролата на трупите.

„Повеќе војници ќе го ескалираат конфликтот. Тоа ќе значи повеќе страдања, повеќе загуби на животи... Претседателот Путин може да ја заврши оваа војна со повлекување на своите сили, со запирање на инвазијата на друга земја“, рече Столтенберг.

Столтенберг, исто така, рече дека сојузниците на НАТО ќе продолжат да обезбедуваат „невидена поддршка“ за Украина за време на војната.