На соработничка на Навални ѝ се заканува казна затвор од 18 години

Лилија Чанишева во судница

Соработничка на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални се соочува со казна затвор од 18 години, откако доби конечни обвиненија за учество во активности на екстремистичка организација и екстремизам.

Истрагата против Лилија Чанишева е завршена и нејзините адвокати почнаа да ги проучуваат материјалите за случајот, напиша соработникот на Навални, Иван Жданов, на 20 септември на социјалната мрежа Телеграм.

Чанишева, која има 40 години, беше уапсена во Уфа во ноември, а подоцна беше префрлена во притворен центар во Москва.

Чанишева ја предводеше локалната единица на групата за поддршка на Навални во Уфа, се додека неговиот тим не се распушти откако московскиот обвинител побара судот да ја означи организацијата на Навални за екстремистичка.

Судот го прифати барањето на обвинителот, со што групата практично беше забранета.

Одбраната на Чанишева тогаш изјави дека нејзиното апсење е прво откако организацијата на Навални беше забранета. Се чини дека обвиненијата се ретроактивни и се однесуваат на организацијата која се распадна пред законски да биде класифицирана како екстремистичка.

Во јануари, Амнести интернешенел ги повика руските власти „веднаш“ да ја ослободат Чанишева, инсистирајќи дека обвиненијата за екстремизам се апсурдни и дека треба да бидат отфрлени.

Самиот Навални е во затвор од февруари минатата година, додека неколку негови соработници се обвинети за основање екстремистичка група. Многу од неговите соработници ја напуштија земјата.

Неколку поранешни активисти кои работеле за Навални ја напуштиле земјата непосредно пред и по апсењето на Чанишева.