Во Москва средба меѓу Путин и Додик

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик со рускиот претседател Владимир Путин

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик денеска во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, потврди неговата советничка Ана Тришиќ-Бабиќ. „Очекуваме да се разговара за сериозни економски прашања за кои денес зборуваат сите сериозни политичари, како да ја поминеме оваа зима, пролетта и следната зима”, изјави таа. Според неа, претстојната средба во Москва е продолжение на разговорите што почнаа на Економскиот форум во Санкт Петербург на крајот на јуни.

Додик се сретна со Путин во Санкт Петербург

„Една од темите на состанокот ќе биде енергетската ситуација и како Република Српска да помине што е можно подобро во сето ова што се случува. Веројатно ќе има и дискусија за тоа до каде сме стигнале со проектот за гасоводот од Србија до Република Српска”, додаде Тришиќ-Бабиќ. Таа, исто така, рече дека Русија секогаш нагласува дека ја поддржува дејтонската Босна и Херцеговина во нејзините граници, почитувајќи ги трите конститутивни народи и два ентитета, како што е наведено и во Уставот на Босна и Херцеговина.