Руското Министерство за надворешни работи го повика канадскиот амбасадор поради наводните напади врз руската амбасада во Отава.
Министерството во денешното соопштение наведува дека непознато лице фрлило молотов коктел на територијата на руската амбасада во канадската престолнина.
Министерството, исто така, наведува дека службениците за спроведување на законот во Отава не ги спречиле, како што рече, „агресивните“ демонстранти за кои рече дека го блокирале влезот во конзуларниот оддел на амбасадата.
„Руската страна побара итни мерки за да се обезбеди соодветна безбедност на руските субјекти во странство, како и на нивните вработени и членовите на нивните семејства“, се вели во соопштението.
Во соопштението не е прецизирано кога се случиле инцидентите.
Врските меѓу Русија и западните земји, вклучително и Канада, се тензични откако Русија започна воена инвазија против Украина кон крајот на февруари.
Канада го затвори својот воздушен простор за руските авиони, им забрани на руските бродови да ги користат канадските пристаништа и внатрешните води, ја забрани продажбата на луксузни предмети на Русија и им забрани на канадските банки да вршат трансакции со руската централна банка.
Отава воведе санкции за околу 1.500 руски граѓани и компании, вклучувајќи го претседателот Владимир Путин, неговите две возрасни ќерки, руската атлетичарка Алина Кабаева, за која се верува дека е сегашната партнерка на Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, претседателката на централната банка Елвира Набиулина и многу други блиски соработници на претседателот.