Русија ги интензивира нападите врз цивилната инфраструктура во Украина

Украина-Украински војници во борбени возила во Новоселивка, 17 септември 2022 година

Британското Министерство за одбрана соопшти дека Русија ги интензивирала и ги проширила нападите врз украинската цивилна инфраструктура откако Москва претрпе порази на бојното поле на истокот и југот на земјата по контраофанзивата на Киев.

„Бидејќи се соочува со неуспеси на фронтот, Русија веројатно ги проширила локациите на кои е подготвена да нападне во обид директно да го поткопа моралот на украинскиот народ и влада“, соопшти Министерството во својот дневен разузнавачки билтен.

Украинската војска постигна драматични успеси во напорите да ја врати територијата окупирана од руските сили од почетокот на војната.

Киев повторно ја презеде контролата врз стотици градови и села во регионот Харков во североисточниот дел на земјата, истовремено постигнувајќи мали напредоци и на југот во близина на Керсон.

Рускиот претседател Владимир Путин ја минимизираше контраофанзивата на Украина и рече дека неговите сили ќе одговорат посилно доколку бидат ставени под дополнителен притисок.

Бајден го предупреди Путин да не користи хемиско или нуклеарно оружје

Киев претходно сепак ги предупреди цивилите да не брзаат да се враќаат во новоослободените области и да им дозволат на властите прво да ја вратат украинската контрола и безбедносните мерки.

Руското Министерство за одбрана пак на 18 септември соопшти дека нивните сили извршиле напади врз украинските позиции во неколку региони и го обвини Киев за гранатирање во близина на нуклеарната централа Запорожје, која е под контрола на Русија. Украина негираше дека гранатирала во близина на објектот.