Укринското обвинителсто демантира дека се приведени руски учители

Украински учебници

Украинското државно обвинителство ја демантираше изјавата на вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук за притворање на руски учители во повратените области.

Ихор Белоусов од Украинското државно обвинителство изјави за сервисот на РСЕ „Курент тајм“ дека ниту еден руски учител не бил приведен од украинските вооружени сили во „деокупираните територии“ на Украина.

Извори од обвинителствата во украинските региони Харкив, Донецк и Луганск, исто така, изјавија за „Курент тајм“ дека ниту еден руски учител не бил уапсен во областите кои повторно беа вратени под контрола на Украина.

На 12 септември, Верешчук рече дека украинските сили уапсиле неодреден број руски учители, кои се преселиле во Украина за да предаваат руски наставен план во локалните украински училишта во регионите кои беа заземени од руските сили.

Украинскиот пратеник Олексеј Хончаренко исто така рече дека руските учители се приведени во градот Купјанск во областа Харкив.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 13 септември негираше дека има руски учители во украинската област Харкив.

Рускиот министер за образование Сергеј Кравцов додаде дека на сите украински наставници кои соработувале со властите назначени од Русија и избрале да се преселат во Русија од регионот, им била дадена помош за тоа.

Шефот на рускиот Истражен комитет, Александар Бастрикин, на 13 септември нареди да се започне истрага за пријавениот притвор на руски учители во Украина.