Преполовениот Уставен суд не донесе одлука за „недела неработен ден“

Седница на Уставен суд, архивска фотографија

Предметот за работа во недела поднесен до Уставниот суд не помина на денешната седница, оти немало мнозинство гласови. Судот наместо со девет члена, работи со пет, а еден од судиите се изјаснил дела нема да го поддржи рефератот за работа во недела.

За одлучување се потребни најмалку петмина судии. Судот со месеци работи со помалку судии оти на некои членови им истече мандатот или се пензионираа. Во меѓувреме тече собраниска расправа за избор на нови судии. Изборот досега оди со потешкотии.

„Предлогот во рефератот е да не се поведе постапка, што значи Законот да остане во правниот поредок, односно недела да остане неработен ден, освен во дејностите за кои е исклучок и кои се предвидени со овој закон“, наведуваат од Уставен.

Иницијативата пред Уставниот суд ја поднесе Стопанската комора на Северна Македонија. Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вчера го повика Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора, бидејќи, како што велат, е спротивна на Уставот. Според ССМ, со иницијативата ќе се задре во веќе утврдено право на непрекинат неделен одмор што се состои од најмалку 24 часа за период од седум дена на илјадници работници во државата.

Законското решение за недела неработен ден стапи на сила од 01-ви јануари годинава. Со измените, 92 отсто од работниците не работат во недела, а 8 проценти од работниците кои работат во техничко-технолошкиот процес кој не може да биде прекинат, добиваат 50 отсто повисока дневница и дополнително еден слободен ден во текот на наредната недела.

На 27 јуни Собранието усвои измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места.