Македонија по трет пат ќе бара екстрадиција на Никола Груевски

Министерството за правда денеска најави дека во наредниот период ќе поднесе нови барања за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден и обвинет за неколку случаи, а престојува како азилант во Унгарија. Барања за екстрадиција повторно ќе бидат поднесени и за Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, осудени на доживотен затвор за случајот „Монструм“, кои се во бегство во Косово.

За Никола Груевски досега е испратено едно барање за екстрадиција од ноември 2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година.

„Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница. Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година со образложение дека на Никола Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегал“, се вели во соопштението на министерството.

Груевски побегна во Будимпешта откако со унгарски дипломатски возила придружувани со дипломати од Унгарија патуваше низ неколку балкански земји. Поранешниот премиер е правосилно осуден на затворска казна од една и пол година за случајот „Насилство во Центар", затвор од 2 години за „Тенк" за набавката на луксузниот владин мерцедес и првостепено осуден на 9 години затвор во случајот „ТНТ" за уривањето на Космос.

Никола Груевски, поранешниот македонски премиер, и Сашо Мијалков, екс-шефот на УБК, се ставени на листата на санкции на американското Министерство за финансии поради вмешаност во корупција, со што на нив и на членовите на нивните семејства им се забранува влез во САД. На листата на санкции е ставена и фирма на Груевски регистрирана во Унгарија.

Неуспешни екстрадиции - слаби докази и политички интереси

За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, пак, прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година.

Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година. На 08.10.2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор.

Од Министерството за правда посочуваат дека се што било побарано во постапките, е доставено до косовските власти.

Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, во февруари 2016 година и во октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година.

Осуденици и обвинети бегаат од државата, одговорност нема октомври 30, 2019

Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која ја потврди првостепената одлука за „Монструм” со која Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се правосилно осудени на доживотна казна затвор.