САД ја повикаа Русија веднаш да го ослободи опозицискиот лидер Навални

Алексеј Навални

Соединетите Држави ја повикаа Русија веднаш да го ослободи затворениот опозициски политичар Алексеј Навални, кој неодамна беше однесен во самица.

„САД се длабоко загрижени поради нагласеното произволно мешање на руската влада во правата на Алексеј Навални“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс на 9 септември.

Навални во серија твитови напиша дека затворските власти рекле дека тој „комуницирал со соучесници“ и го обвиниле дека учествувал во криминални активности од затвор, по што ја прекинале привилегијата адвокат-клиент.

Навални, кој отслужува две казни за прекршување на условно ослободување и проневера, во затвор на 260 километри источно од Москва, рече дека затворските власти го извеле од ќелијата за да го известат за одлуката.

Навални додаде дека на прашањето какви злосторства извршил од затвор, му било кажано: „не смееш да знаеш“.

На 7 септември Навални напиша на Инстаграм дека му било наредено да помине 15 дена во самица, што е четврти пат да биде сместен во самица во затворот во градот Мелехов.

Два дена претходно, Градскиот суд Ковров во Владимирската област објави дека регистрирал тужба од Навални против управникот на затворот Јуриј Коробов.

Навални во тужбата тврди дека непотребно бил ставен во кривичен затвор поради делумно откопчаниот затворски костум.