Средба на Анита Ангеловска-Бежоска со новиот шеф за економски прашања во американската амбасада, Рајан Милер

Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска - Бежовска

И покрај предизвиците коишто ги донесе војната во Украина за глобалната и домашната економија, макроекономската и финансиската стабилност во земјава се задржаа. Ова беше заклучено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и новиот шеф за економски прашања во Амбасадата на САД во земјава, Рајан Милер, се вели во соопштението од НБРМ.

На средбата станало збор за тековните економски случувања и остварувања, како и за политиките и мерките коишто се преземаат за одржување на стабилноста.

Ангеловска-Бежоска, посочила дека новиот контекст условен од заострувањето на геополитичките тензии доведоа до изразени нагорни притисоци врз инфлацијата, а надолни врз економскиот раст. Таа навела дека Народната банка започнала со постепено зголемување на основната каматна стапка, придонесувајќи за смирување на инфлациските очекувања и за одржување на среднорочната ценовна стабилност.

На средбата станало збор и за економскиот раст, којшто во вториот квартал од 2022 година изнесува 2,8% и во целост се совпаѓа со проекцијата на централната банка. Сепак, беше посочено дека ризиците за економијата во втората половина на годината се надолни, што е поврзано со движењата на цените на енергенсите на светските пазари и ефектот на пренос којшто го имаат врз домашните цени. Неизвесноста и натаму е висока и е условена од случувањата во Украина и санкциите кон и од Русија, а сè уште постојат и ризиците од нови соеви или нови бранови на ковид-19, се вели во соопштението од Народна банка.