Прекин на снабдување со вода и струја во близина на нуклеарната централа Запорожје

Последното гранатирање врз градот во близина на нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина, го прекина снабдувањето со струја и вода. Засега не е јасно како настана затемнувањето и дали тоа е зголемен ризик, затоа што еден ден претходно беше исклучен од мрежата и последниот реактор во централата Запорожје.

Информациите за последните напади дојдоа веднаш по објавата на извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија во кој се наведува дека се неопходни „итни мерки за да се избегне нуклеарна несреќа“.


И руските и украинските власти во таа област, на социјалната платформа Телеграм ја потврдија информацијата за прекинот на снабдување со електрична енергија на градот во близина на централата.

Според руската војска биле евиденирани седум експлозии во или во близина на центарот за обука на електраната.


Руската и украинската војска се обвинуваат меѓусебно за за гранатирање и други ризици кои се однесуваат на најголемата нуклеарна централа во Европа, која беше окупирана од руските сили на почетокот на шестмесечната инвазија.

Операторот на Запорожје, Енерхоатом, еден ден претходно соопшти дека реакторот број 6 е „исклучен“ поради пожар предизвикан од артилериски оган во областа.

Наведено е дека повторно ќе се вклучи откако пожарот ќе биде изгаснат.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги обвини руските војници.

„Денес последниот далновод што ја поврзува централата со енергетскиот систем на Украина беше оштетен поради уште едно руско провокативно гранатирање“, рече Зеленски во обраќањето доцна на 5 септември.

„Поради руска провокација, централата во Запорожје е на чекор од катастрофа со радијација“ изјави Зеленски.

Зеленски додаде дека времето на наводното руско гранатирање на Запорожје пред извештајот на МААЕ е „многу елоквентна“ изјава за мотивите на Русија, велејќи дека на Москва „не и е грижа што ќе одлучи меѓународната заедница“.

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, на 5 септември ја обвини Русија за „непромислено однесување“ во врска со фабриката изградена од Советскиот Сојуз, со загриженост дека ќе настане нуклеарната катастрофа во стилот на Чернобил.