Пендаровски: Зошто и Договорот од Преспа не е дел од референдумското прашање ?

Прашањето на опозицијата практично е да го прекинеме европскиот пат, односно тоа гласи дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски во одговор на новинарско прашање по средбата на Советот за безбедност. Тој истакна дека е зачуден зошто во референдумското прашање не е спомнат и Договорот од Преспа бидејќи во преговарачката рамка во иста реченица стои и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија.

„ Значи ако дадете поддршка на таков референдум класичен антиевропски со прашањето, ќе нема потреба да се менува Уставот. Накратко она што го очекувавме тоа и го добивме, прашање за македонските граѓани дали сакате да престанеме да одиме по европскиот пат“, вели Пендаровски.

Пендаровски заедно со премиерот Димитар Ковачевски изјавија дека нема да го поддржат референдумот на ВМРО-ДПМНЕ за раскинување на Договорот со Бугарија. Ковачевски вели дека опозицијата прави референдум заради свои партиски потреби и заради задржување на позицијата во партијата на лидерот Христијан Мицкоски.

Гир - Ако не го смените Уставот, процесот запира тука

„Било какво спречување на продолжување на процесот на евроинтеграции е правење штета на граѓаните. Колку брзо ќе се движиме на европскиот пат сега зависи само од нас сега. Се што се прави заради лични партиски цели е против членството на земјава во ЕУ. Јас верувам дека и во опозицијата има европски блок на политичари и тоа ќе се потврди кога ќе гласаат за уставните измени во Собранието“, кажа Ковачевски дополнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не гласаше против Договорот со Бугарија во Собранието.

Какви ќе бидат последиците ако не успее референдумот на ВМРО-ДПМНЕ?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера најави дека почнуваат со собирање на 150.000 потписи за распишување на задолжителен референдум за раскинување на Договорот со Бугарија. Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија од 18.01.2018?“.