ВМРО-ДПМНЕ утре ќе почне да собира потписи за референдум

Христијан Мицкоски

„Се додека не се напушти Договорот со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени, изјави денеска на брифинг со новинарите претседателот на оваа партија Христијан Мицкоски. Тој е дециден дека ВМРО ДПМНЕ не е против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но потенцира дека договорот, како што изјави, бил асимилаторски и треба да се напушти. ВМРО-ДПМНЕ синоќа го објави референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“. Потписите ќе почнат да се собираат утре напладне, а според најавите на Мицкоски први на листите ќе бидат потпишани пратениците од ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ со референдум за укинување на договорот со Бугарија СДСМ: референдумот нема да успее

За да има референдум треба да се соберат 150.000 потписи и да помине собраниската процедура. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ верува дека ќе нема опструкција во Собранието и оти иницијативата ќе помине таму. Очекувањата се дека референдумот би се одржал напролет, а за тој да биде успешен потребни се 910.000 гласови. За да успее референдумот тој апелира и бара поддршка за македонскиот народ од нивните соседи Албанци, Роми, Турци…„Ова е најголемиот тест за македонскиот народ во поновата историја, рече тој, барајќи поддршка од припадниците на другите заедници на референдумот. Но, повторно нагласи и на важноста од семакедонско обединување. Доколку референдумот е успешен и треба да се напушти Договорот со Бугарија, Мицкоски рече дека може да се преговара за нов договор, но и дека преговорите со ЕУ може да продолжат.