Почнува судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово

Тетово- претседателот Стево Пендаровски во посета на опожарената модуларна болница во Тетово

Во Основниот суд во Тетово денеска треба да почне судењето за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога 14 лица го загубија животот. Судското рочиште е закажано во 10 часот, а ќе го води судијата Јордан Велковски. По повеќемесечна истрага Основното јавно обвинителство Тетово на 27 јули 2022 до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице. Двајца се товарат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, еден за „непостапување според здравствени прописи“, а правното лице за „предизвикување на општа опасност“. На 8 септември 2021 година во пожарот во модуларната болница во Тетово загинаа 14 лица. Тие се лекуваа од Ковид-19.

Тетовските обвинители го разгледуваат извештајот на германските експерти за пожарот во модуларната болница

Досега се направени четири вештачења за да се утврдат причините поради кои настана пожарот и да се лоцира одговорноста. Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер, како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.