Романија ќе казнува за шпекулации на пазарот со енергенси

Илустрација, архивска фотографија

Казни за шпекулантите на пазарите на електрична енергија и природен гас најави денеска владата во Романија, со цел да го спречи зголемување на и онака високите цени и да обезбеди дополнителен извор на приходи за да им помогне на граѓаните и бизнисите со високите цени на енергијата.

Казните би биле пет отсто од прометот доколку се утврди дека преку последователни трансакции ги зголемувале цените на енергенсите.

„Мерките ќе ги спречат шпекулациите на пазарите на електрична енергија и природен гас“, изјави денеска романскиот премиер Николае Качу.

Повеќе чини да ви ја донесат струјата до дома отколку самата струја

Романската влада минатата недела објави дека размислува за воведување данок на дополнителната заработка на сите компании во синџирот на снабдување со енергија, барајќи дополнителни извори на приходи за финансирање на помошта за граѓаните и малите бизниси со високи сметки за енергија.

Сметките за гас и електрична енергија се ограничени на одредено ниво на месечна потрошувачка, а Владата им ја надоместува разликата на добавувачите. Програмата вчера беше продолжена за пет месеци, до крајот на август следната година, но Владата го намали нивото на потрошувачка што гарантира 15 отсто пониска цена.

Владата исто така најави формирање фонд за енергетска транзиција, што ќе се финансира од даноците на производителите и трговците на енергенси и гас.