Инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се очекува денеска да ја почнат инспекцијата на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина. Инспекцијата ќе трае еден или два дена, а се очекува шест до осум експерти на МААЕ да останат во нуклеарката и пото, велат официјални лица инсталирани од Русија во Енерходар, градот каде што е сместена централата. Рафаел Гроси, шеф на МААЕ, изрази надеж дека ќе воспостави постојана мисија во Украина за следење на најголемата европска нуклеарна централа.
Инспекторите на МААЕ пристигнаа во нуклеарната централа Запорожје
„Овие операции се многу сложени. Одиме во воена зона. Одиме на окупирана територија. И ова бара експлицитни гаранции не само од Русите, туку и од Украина“, рече Гроси во Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече инспекцијата „веројатно едно од најважните прашања во врска со безбедноста на Украина и светот денес“. Руските и украинските сили меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на централата, дејствија што предизвикаа загриженост за можна нуклеарна катастрофа.