Владата ќе ги поедностави процедурите за поставување фотоволтаици

Влада на РСМ

Владата ќе ги поедностави процедурите за поставување на фотоволтаични електрани на покривите на домаќинствата и стопанските објекти.

Измените и дополнувањата на законските измени се усвоени на денешната владина седница.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека клучно во измените е дека на граѓаните и на фирмите нема да им биде потребно одобрение или решение од општината за поставување фотонапонски централи како што беше досега.

„Инвеститорите на електроцентралата се должни само да ја известат единицата на локалната самоуправа за поставување на електронапонска централа и да ги достават следните документи: Извод од Централен регистар доколку инвеститорот е правно лице, што значи за фирмите или компаниите или копија од лична карта доколку инвеститорот е физичко лице за куќа или домаќинство, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонска електроцентрала или доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот се доставува договор склучен со сопственикот на објектот или писмена согласност од сопственикот. Основен проект за поставување на фотонапонска електроцентрала или доколку е во колективна станбена зграда писмена согласност за поставување на фотонапонска електроцентрала од мнозинството од сопствениците на посебни делови на објектот кои претставуваат повеќе од половина од вкупната површина на објектот“, појасни Бочварски

Струен удар врз бизнисот

Потенцира дека основниот проект треба да содржи општ дел и проектен дел кој се состои од архитектонски проект за електрична инсталација и опрема, а инвеститорот, како што кажа, е должен после оваа процедура примерокот од изјавата на изведувачот да го достави до единицата на локалната самоуправа и до Агенцијата за енергетика.

Контрола врз градбата и во овој случај ќе вршат градежните инспектори дали се поставува согласно овие процедури коишто се во Законот.

Владата во текот на наредните денови измените на Законот ќе ги достави во Собранието, а очекува на првата собраниска седница да бидат изгласани во интерес на граѓаните и стаопанството.