Најмалку 12 загинати и 270 ранети во немирите во Багдад

Приврзаниците на Моктада ал-Садр упаднаа во владините згради во Багдад

Најмалку 12 лица загинаа во Зелената зона во Багдад, откако стотици приврзаници на влијателниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр упаднаа во владините згради во ек на зголемени тензии со противничките шиитски групи, кои се поддржани од Иран.

Најмалку 270 луѓе биле ранети денеска кога биле испукани куршуми и солзавец во Зелената зона, каде што се сместени владините и дипломатски објекти.

САД ги оценија немирите во Багдад како вознемирувачки и ги повикаа Ирачаните да се воздржат од насилство и преку дијалог да бараат решение за политичките спорови.

Мисијата на ОН се помош на Ирак (УНАМИ) оцени дека се работи за „исклучително опасна ескалација“ и исто така ги повика сите страни „да се воздржат од дејствија што може да доведат до незапирлив синџир на настани“.

„Самиот опстанок на државата е во прашање“, соопшти УНАМИ.

Очевидци велат дека приврзаници на Садр и поддржувачи на ривалски шиитски блок – проиранската Координативна рамка, пукале едни кон други во Зелената зона.

Безбедносните сили подоцна упортебија солзавец во обид да ги контролираат поддржувачите на Садр, неколку часа откако тој го објави своето „дефинитивно повлекување“ од политиката во услови на тензичен политички судир.

Властите воведоа полициски час од 19 часот до наредно известување.

Ирак е во политички ќорсокак откако партијата на Садр освои најмногу пратеници на парламентарните избори во октомври, но не доволно за да формира влада. Неговото одбивање за разговори со шиитските ривали поддржани од Иран доведе до политичка несигурност и интензивирање на внатершиитските борби.