Расте бројот на цивилни жртви од руските напади со касетна муниција

Украина е единствената земја во светот каде што денес се користи касетна муниција

Користењето касетна муниција од страна на руските сили предизвика предвидлива и трајна штета врз стотици украински цивили, соопшти денеска Хјуман рајтс воч во објавувањето на глобалниот извештај „Мониторинг на касетна муниција 2022 година“. Во извештајот се наведува дека и Русија и Украина треба да ја отфрлат употребата на касетна муниција и да се приклучат на меѓународниот договор од 2008 година со кој таа се забранува. Украина е единствената земја во светот каде што денес се користи касетна муниција, вели Хјуман рајтс воч, додавајќи дека се документирани стотици руски напади со касетна муниција во најмалку 10 од 24-те региони или области на Украина.

ХРВ: Напади со касетна муниција во Украина

Прелиминарните податоци покажуваат најмалку 689 цивилни жртви од напади со касетна муниција во Украина помеѓу февруари и јули 2022 година. Украинските сили, исто така, се чини дека користеле ракети со касетна муниција во неколку наврати. Касетната муниција може да биде истрелана од земја со артилерија, ракети и минофрлачи или да се фрли со авион. Тие обично се отвораат во воздухот, распрснувајќи повеќе бомби или муниција на широк простор.