Приведени двајца работници од централата Запорожје за пренесување информации на Украина

Нуклеарната централа Запорожје

Руските власти соопштија дека привеле двајца работници од украинската нуклеарна централа Запорожје. Работниците „пренесоа информации за локацијата на (руските) војници и опрема на територијата на станицата“, се вели во соопштението на Националната гарда на Русија на 24 август.

Во соопштението не се дадени докази ни повеќе детали. Фабриката е под руска контрола од 4 март, речиси две недели откако Русија ја нападна Украина. На украинските инженери им беше дозволено да продолжат да работат во фабриката, под руски надзор.

Во фабриката, според соопштението, е уапсено и трето лице под сомнение дека на украинските вооружени сили им дало информации за движење на руска воена опрема во областа.

Објектот Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа. Тоа беше место на борби меѓу руските и украинските сили во последниве недели, предизвикувајќи стравувања од нуклеарна катастрофа. И Украина и Русија се обвинуваат меѓусебно за гранатирање на централата.

Обединетите нации понудија помош за олеснување на посетата на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија, но Москва инсистираше инспекторите да патуваат до централата преку територијата што ја контролира Русија, наместо преку Украина.