Османи по средбата со Лајчак и Ескобар: Косово се залага за европски решенија

Косовската претседателка Вјоса Османи

Косовската претседателка Вјоса Османи по денешната средба со посредникот на ЕУ во косовско-српските преговори, Мирослав Лајчак и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека земјата е конструктивно и сериозно ангажирана во процесот на дијалогот со Србија.

Таа на средбата нагласила дека „Косово никогаш не придонело за тензии и постојано се залага за мир и стабилност и за европски решенија“.

„На средбата ја изразив посветеноста на Косово за продолжување на соработката и координација со нашите партнери, потенцирајќи дека ангажирањето на нашата земја во дијалогот е засновано на одбраната на суверенитетот, уставниот поредок и територијалниот интегритет на Косово, кои се недопирливи… Нашата земја е изградена врз принципите на едно мултиетничко општество каде сите имаат еднакви права, без оглед на етничката припадност“, напиша Османи на Фејсбук.

Лајчак и Ескобар денеска се сретнаа и со премиерот, Албин Курти, како и со лидерите на најголемите опозициски партии на косовските Албанци, а потоа ќе отпатуваат за Белград.

Посетите се обид да се постигне договор меѓу Косово и Србија во пресрет на 1 септември. Косово до наредниот месец ја одложи одлуката за издавање документи за влез-излез на српските граѓани и промена на српските регистарски таблички.