Телефонски разговор меѓу Османи и Кулеба по повод Денот на независноста на Украина

Бујар Османи и Дмитро Кулеба во Киев (фотографија од датотека)

По повод Денот на независноста на Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговорал со Дмитро Кулеба, министерот за надворешни работи на Украина, информира Мнистерството за надворешни работи. Шефот на македонската дипломатија истакна дека Северна Македонија во овие тешки времиња за украинската и европската безбедност, изразува силна поддршка за Украина и солидарност со украинскиот народ во нивната борба за враќање на мирот и надминување на последиците од руската агресија. „Украинците, бранејќи ја својата татковина, се борат не само за својата слобода, туку и за слободата на целокупниот демократски свет и споделените европски вредности“, истакна Османи.

Украина го одбележува Денот на независноста додека борбите продолжуваат

И во оваа прилика Османи, наведува МНР, ја реафирмираше нашата цврста и бескомпромисна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и упати силна осуда за руската воена инвазија, што претставува грубо кршење на меѓународното право и обид да се поткопаат темелите на европската и глобалната сигурност и стабилност. Во тој контекст, Османи нагласил дека Северна Македонија, како членка на НАТО има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија.