Невреме со пороен дожд во Македонија

илустрација

Во прилепското село Лажани вчера вечер биле поплавени се 50 куќи, а дел од населението било евакуирано по обилните дождови кои наврнаа во областа Пелагонија. Градоначалникот на општина Долнени, на која и припаѓа селото Лажани, Урим Ибески изјави дека нема повредени, но има евакуирани жители. „Причина е излевањето на реката, која поради невремето, како и несовесното градење и отпадот, поплави голем број куќи“, рече Ибески. Покрај Лажани во општина Долнени, поплавени биле уште неколку села, а Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека водата во околината почнала да се повлекува. Во Долнени струјата била превентивно исклучена за заштита на луѓето и мрежата.

Oштетени кровови и поплавени домови од невремето во Неготино

Силен дожд наврна и во реонот на другите пелагониски општини Битола и Крушево, на југозапад од земјава, а невреме го зафати и градот Виница, на југоисток, каде најмногу наврнаа дожд на метар квадратен - 55 литри, како и Тетово, град на северозапад. „По обилните врнежи од дожд кои вечерва го зафатија Тетово и околината, стигнуваат информации за места погодени од невремето, каде има поплавени подруми, гаражи и куќи, а се излеа и канализација од неколку шахти“, соопштија од ЦУК.