Запрена опсадата на хотелот во Могадишу

Сомалиските безбедносни сили за време на претходниот напад на 22 март 2022 година во Могадишу (илустративна фотографија)

Сомалиските безбедносни сили ја прекинаа 30-часовната опсада на хотелот во главниот град Могадишу, која ја направија милитанти на Ал Шабаб поврзани со Ал Каеда, соопштија денеска локалните власти.

„Безбедносните сили ја прекинаа опсадата и напаѓачите се мртви, ниту еден истрел од зградата не е испукан во последниот час“, изјави за АФП официјален претставник кој сакаше да остане анонимен.

Сомалиската полиција соопшти дека во повеќечасовната размена на оган со безбедносните сили загинале 20 лица, а 40 се ранети.

Нападот започна со експлозии пред хотелот Хајат, пред вооружените лица да влезат во зградата.

Исламистичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, ја презеде одговорноста за нападот.

Групата е позната по нападите врз сомалиските безбедносни сили, како и врз хотели и други области, главно во главниот град.