Невремето оштети автомобили во Скопје, паднати бандери во Велес, Градско и Росоман

Невреме во Скопје.

Неколку делови од земјава попладнево беа зафатени од најавеното невреме, поројниот дожд и силниот ветер предизвикаа штети.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека ветер со брзина од 150 километри на час бил регистриран во Пелагонија, по интензивната нестабилност.

Во Општина Центар во Скопје паднат е лим од покрив кој оштетил неколку паркирани возила, а има пријави за паднати дрва на повеќе локации во општината.

Невреме во Општина Центар.

Градоначалникот на општината Горан Герасимовски соопшти дека излегле на терен и заедно со припадниците на МВР за да биде извршен увид на неколку локации каде граѓаните имаа пријавено штети.

„Од понеделник ќе формираме посебен тим од општината кој ќе излегува на терен по временски непогоди и ќе врши увид во состојбата. Жителите на Центар сите поголеми штети од невремето можат да ги пријавуваат на бројот за итни случаи 112“, вели Герасимовски.

Невремиња со грмотевици и поројни дождови исто така се регистрирани во Велес, Градско и Росоман.

Во велешкото село Каласлари имало запалено сено и паднати бандери, а штети има и во с.Мартолци, Општина Чашка.

Од ЈКП „Тополка“ има испратено екипи на терен за расчистување на местото викано Долги Рид, исто така има и паднати бандери за кои се задолжени ЕВН за нивно расчистување. За оваа настаната ситуација известен е и директорот на ЕВН, велат од ЦУК.

Во однос на следните денови, од УХМР информираат дека до средината на следната седмица подрачјето на земјата ќе биде под влијание на влажен и нестабилен бран.

Времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд и грмежи. Локално повремено се најавува дека ќе има појава на невреме со пообилен дожд, со над 30 литри на метар квадратен, за кратко време, силни електрични празнења, силен ветер од над 60 километри на час и појава на град. Температурите значително ќе се намалат, информираат од УХМР.