Руска ракета рани деветмина во Украина недалеку од нуклеарна централа

Нуклеарна централа во областа Николаев, ноември 2015. Илустративна фотографија.

Руски проектил денеска погодил станбена област во јужен украински град, недалеку од нуклеарна централа, при што биле повредени девет цивили, а зголемени се стравувањата од нуклеарна несреќа за време на војната во Украина, соопштија украинските власти.

Виталиј Ким, гувернер на регионот Николаев, на Телеграм напиша дека меѓу деветте ранети во нападот има четири деца.

Според него, во нападот биле оштетени неколку приватни куќи и петкатница во Вознесенск.

Градот е на околу 30 километри од нуклеарната централа Пивденукраин, втора по големина во Украина.

Државниот Енергоатом, кој управува со сите четири генератори на нуклеарна енергија во Украина, го опиша нападот на Вознесенск како „уште еден чин на руски нуклеарен тероризам“.

„Можно е оваа ракета да била насочена конкретно кон нуклеарната централа Пивденукраинска, која руската армија се обидела да ја врати под контрола на почетокот на март“, се наведува во соопштението на Енергоатом.

Русија веднаш не одговори на обвинувањата. Ројтерс не можеше веднаш да ја провери ситуацијата во Вознесенск и електраната.

Украинските власти ги повикаа Обединетите нации и другите меѓународни организации да ги принудат руските сили да ја напуштат другата нуклеарна централа која беше окупирана веднаш откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.