Почна средбата меѓу Курти и Вучиќ во Брисел

премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ

Во Брисел е во тек заедничка средба меѓу премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ со претставници на Европската унија како дел од новата рунда дијалог меѓу Приштина и Белград на највисоко политичко ниво. Домаќини на состанокот се високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак. Борел, кој пред дијалогот одделно се сретна со Курти и Вучиќ, напиша на Твитер дека очекува двајцата лидери да бидат отворени и флексибилни за да постигнат заеднички став. „Неодамнешните тензии на северот на Косово уште еднаш покажаа дека е време да се оди напред кон целосна нормализација. Очекувам двајцата лидери да бидат отворени и флексибилни за да најдат заеднички јазик“, напиша Борел пред средбата. По средбата со Борел, Вучиќ на Инстаграм напиша дека почнуваат разговори за „суштинските проблеми“ на Косово и дека се надева на некакво решение иако, како што наведе, „воопшто не верува во тоа“.

Вучиќ и Курти на одделни средби со Столтенберг

ЕУ претходно соопшти дека на заедничката средба фокусот ќе биде ставен врз натамошниот дијалог и постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Ова е прва средба меѓу Курти и Вучиќ во рамките на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година, а тие беа поканети во Брисел по порастот на тензиите на северот на Косово на 31 јули. Тогаш косовските Срби поставија барикади во знак на незадоволство од најавата за почеток на имплементација на одлуката на Владата на Косово за слобода на движење, односно за издавање документи за влез-излез за државјаните на Србија кои влегуваат во Косово и за промената на српските регистарски таблички. Барикадите беа отстранети откако Владата го одложи спроведувањето на одлуката за 1 септември.