САД и Тајван ќе започнат официјални трговски разговори

Соединетите држави и Тајван се согласија да започнат трговски разговори во рамките на новата иницијатива за постигнување договори за „економски значајни резултати“. Канцеларијата на трговскиот претставник на САД соопшти дека двете страни „постигнале консензус за преговарачкиот мандат“ и се очекува првата рунда разговори да се одржи на почетокот на оваа есен. Главниот трговски преговарач на Тајван, Џон Денг, им рече на новинарите во Тајпеј дека се надева оти разговорите би можеле да започнат следниот месец и дека тоа еден ден може да доведе до договор за слободна трговија што островот долго време го бара со Соединетите држави. Денг рече дека една тема би била таканаречената економската принуда од Кина, односно кинеска блокада на трговијата со земјите со кои е во спор, како на пример кога Литванија му дозволи на Тајван да отвори де факто амбасада во нејзиниот главен град.

Тајван тврди дека Кина сака контрола над морињата во регионот

Кина го повтори своето противење на новата трговска иницијатива. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, им изјави на новинарите во Пекинг дека Кина се спротивставува на која било земја да потпишува официјални трговски договори со Тајван и тој ги повика Соединетите држави да го прекинат својот ангажман со островот. „Кина ќе преземе решителни мерки за да го поддржи својот национален суверенитет и територијален интегритет. Ги советуваме САД да престанат да прават погрешни проценки“, рече тој.