Руската полиција ги пребара домовите на неколку новинари кои соработуваат во програмите на Руската служба на РСЕ и Idel.Realities, онлајн проект кој покрива вести и настани во регионот Волга-Урал. Вчера, полицијата во главниот град на Руската Република Татарстан, Казан, го пребара домот на социологот Искандер Јасавеев, кој е колумнист на онлајн проектот Idel.Realities. Адвокатот на Јасавеев, Рим Сабиров, рече дека полицијата го одвела неговиот клиент во Истражниот комитет на сослушување. Во овој момент останува нејасно зошто токму Јасавеев, кој е познат по својот отворен став против тековната неиспровоцирана инвазија на Русија на Украина, бил приведен на сослушување.
Судот во Крим води истрага против новинарка на Радио Слободна Европа
Во меѓувреме, про-Кремљ веб-страницата Tatar-Inform објави дека полицијата извршила претрес во домовите на седум други новинари кои работат како хонорарци или придонесуваат за руските и татарско-башкирските служби на РСЕ, како и за Idel.Realities. Според Tatar-Inform, претресите биле поврзани со написите на новинарите кои ја покриваат тековната руска агресија врз Украина. Претседателот Владимир Путин во март потпиша закон со кој се предвидуваат долги затворски казни за дистрибуција на „намерно лажни информации“ за руските воени операции додека Кремљ се обидува да го контролира наративот за неговата војна во Украина.