Израел и Турција ги обновуваат целосните дипломатски односи

Илустрација

Израел и Турција ќе разменат амбасадори и генерални конзули откако двете земји се договорија да ги обноват целосните дипломатски односи после неколкугодишната напнатост, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Јаир Лапид.

Одлуката е донесена по неодамнешниот телефонски разговори меѓу Лапид и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во соопштението се наведува дека обновата на односите на ниво на амбасадори е важна за регионалната стабилност и за израелската економија и дека Израел ќе продолжи да ја засилува својата меѓународна позиција.

Турција го отповика својот амбасадор и побара израелскиот амбасадор да си замина во мај 2018 година, во време на насилни протести на границата меѓу Израел и Појасот Газа кога беа убиени десетици Палестинци.

Турските и израелски лидери разменија меѓусебни критики, а Ердоган рече дека Израел е држава која убива деца. Тогашниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини турскиот лидер за убиство на курдски цивили.

Анкара исто така го предизвика гневот на Израел со тоа што ѝ обезбеди поддршка и прибежиште на палестинската екстремистичка организација Хамас.

Сепак, во изминатите две години Ердоган го промени тонот и изрази интерес за подобрување на односите со Израел. Новиот процес на приближување почна во мај 2020 година.

Турција соопшти дека нејзината одлука за обнова на целосни односи после години напнатост не значи дека ќе се откажат од поддршката за Палестинците и дека е важно турските „пораки [за палестинското прашање] се пренесуваат директно преку амбасадори“, пренесува Франс прес.