Вучиќ и Курти на одделни средби со Столтенберг

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска во Брисел одвоено ќе разговараат со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, ден пред новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ. Столтенберг најпрво ќе се сретне со Вучиќ, а потоа и со Курти. Вучиќ во минатата недела изјави дека ќе разговара со Столтенберг за улогата што НАТО и КФОР ја имаат на Косово. „Тоа ќе бидат понатамошни разговори за воспоставување добра соработка, добра комуникација, што е многу важно во моменти на криза. Се надевам дека ќе имаме добар разговор. Веќе имавме телефонски разговор и се договоривме да седнеме и да разговараме во Брисел за сите проблеми во Косово, особено на северот “, рече Вучиќ.

Вучиќ и Курти одат во Брисел

За утре е најавена нова рунда од дијалогот Косово-Србија, а ЕУ соопшти дека ќе се разговара за сите отворени прашања, повторувајќи дека за Брисел „најважно е двете страни да ги прекинат непријателствата, со запаливи пораки и тензии и да постапуваат одговорно“. Вучиќ во пресрет на дијалогот рече дека е клучно во дијалогот да се донесе одлука за спроведување на договорот за Заедницата на српските општини на Косово. Курти пак, изјави дека разговорот мора да се фокусира врз меѓусебното признавање и додаде дека не сака да разговара за спорот околу регистарските таблички и личните карти за Србите во Косово.