Средба на Зеленски, Ердоган и Гутереш во Украина

Архивска фотографија - Зеленски и Ердоган во Турција, 10 април 2021

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган и шефот на ОН Антонио Гутереш ќе се сретнат во четврток во Украина, соопштија Обединетите нации.

Гутереш следниот ден ќе го посети украинското пристаниште Одеса на Црното Море, од каде повторно се извезува жито. Извозот беше запрен поради петмесечната инвазија на земјата од страна на Русија. Освен од Одеса, жито се извезува уште од две пристаништа.

Првиот брод изнајмен од ОН, натоварен со жито, ја напушти Украина во вторникот и замина за Африка.

Украина и Русија, се меѓу најголемите извозници на жито во светот.

„На покана на претседателот Володимир Зеленски, генералниот секретар в четврток ќе биде во Лвив за да присуствува на трилатерален состанок со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и украинскиот лидер“, рече портпаролот на Гутереш Стефан Дужарик на брифинг со новинарите во вторникот во Њујорк.

На состанокот лидерите ќе разговараат за „потребата од политичко решение на овој конфликт“, рече Дужарик, додавајќи дека не се сомнева дека ќе се постави прашањето и за нуклеарната централа Запорожје.

Киев и Москва разменија обвинувања за серијата напади овој месец врз нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, најголемата во Европа.